

>ПЕКАРИЦА<
Чувар на македонската вековна традиција
Магија од вредните раце на нашиот народ

Катче за малите пекарчиња
Готвењето и месењето помага децата да развијат неколку вештини:
Физички (моторички) вештини:
Готвењето и месењето вклучува изведување повеќе задачи во исто време од сецкање, мешање, сукање и месење. Овие задачи ја развиваат детската моторика.
Генерално знаење:
Рецептите се најчесто богати со историја. Кога го вклучувате детето во месењето објаснувајте му преку приказни делови од вашата семејна историја, факти кои би му биле интересни (ние ви нудиме многу интересни историски и научни сознанија) како и зошто одредени работи ги правите, кои помагала и садови ги користите.
Јазични вештини:
Децата месејки заедно со вас имаат можност да научат различни концепти и нивниот речник се збогатува со зборови и термини додека го правите тоа. Децата можат да ги научат имињата на состојките и значењето на зборови и фрази како месење, сукање, развлекување, просејување и сл.
Математика:
Готвењето и месењето се прекрасен начин децата да вежбаат многу математички вештини на забавен начин. Можат да научат практично за мерењето и мерите, пропорциите, мерење на времето и слично.
Наука:
Со готвењето и месењето децата се стекнуваат со основни научни сознанија како на пример агрегатни состојби на путерот, водата и слично. Можете да им ги збогатите сознанијата како се произведува одредена состојка, за здрава храна и многу други работи.

Социјален и емоционален развој:
Со месењето можете децата да ги научите како да се вклопат во тимска работа, на трпеливост (да чекаат тестото да нарасне, да се испече...) како и дека кога ќе завршат со некоја работа своето дело да го споделат заедно со останатите дома или со нивните врсници.





Оние кои се испробале веќе со помош на нашите рецепти и инструкции во печењето леб и теста знаат какво е задоволството кога ќе се бавите со месење.
Овде ви нудиме уште поголемо задоволство: истото да го претворите во прекрасна образовна игра со вклучувањето на најмладите во овој процес.
Мојот внук Никола ми беше најголема инспирација кога јас ги совладував овие чекори, а имаше одвај една годинка. Задоволството е огромно и за Вас и за Вашите најмили.

